Никогаш не е здодевно кога е Златан Ибрахимовиќ во прашање, тоа беше случај додека Швеѓанецот растураше на терените ширум Европа, а во ист стил продолжува и како директор на Милан.
Поранешниот голгетер имаше мало шоу на промоцијата на Фофана како најново засилување за „росонерите“, најавувајќи дека „росонерите“ не планираат да застанат со трансфери летово.
„Баравме играч за врска кој ќе го одржува балансот на екипата. Доведовме комплетен фудбалер, некој кој знае и да ги пробие линиите на противникот и да постигне гол. Преговорите траеја нешто подолго, но најважно е што Фофана е сега со нас. Сега е на тренерот да го извлече најдоброто од него. Продолжуваме со креирање на тимот, би рекол дека сме на шестиот чекор од вкупно седумте за креирање на новиот Милан. Преодниот рок се завршува кога јас ќе кажам“, порача секогаш самобендисаниот Златан Ибрахимовиќ.
Според италијанските медиуми, последниот седми чекор за креирање на новиот Милан се очекува да биде Ману Коне, францускиот играч за врска кој веќе најави дека е решен да си замине од Борусија Менхенгладбах, а „росонерите“ се подготвени да платат 15 милиони евра за да го осигураат неговиот потпис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА