Само еден бод за Интер на почетокот од новата сезона

Интер не успеа победнички да ја стартува одбраната на титулата откако „нероаѕурите“ ремизираа 2-2 на гостувањето против Џенова. Избраниците на Симоне Инзаги имаат за што да жалат ако се знае дека до самиот крај имаа предност, но Џенова со пенал во 95. минута успеа да стигне до реми против големито фаворит.

Дуелот почна со тактичко надмудрување на двете страни без посериозни шанси, а Џенова прва поведе по големата грешка на Зомер, кога Волјако налета на одбиената топка од гредата и ја смести во мрежата. Интер експресно се опорави, па успеа да израмни со голот што го постигна Маркус Турам. Шампионот потоа имаше уште две стопроцентни шанси до крајот на полувремето, но голманот Голини ја спаси Џенова со помошта на еден од своите дефанзивци.

Димарко постигна гол во вториот дел, но беше поништен со ВАР, а Симоне Инзаги беше принуден да тргне во тотална офанзива, па го стави Тареми во игра на местото на Чалханоглу. Клучен момент беше 85. минута кога Фратези одлично продре по средината, потоа несебично го проигра Турам, а Французинот во манир на голем стрелец го матираше Голини.

Голот најпрвин беше поништен поради офсајд, но долгата ВАР-анализа покажа дека голгетерот на Интер се наоѓал во регуларна позиција, погодокот беше признаен, а „нероаѕурите“ поведоа со 1-2. Тоа не беше крај на возбудувањата, откако во судиското продолжение Џенова доби пенал поради една почетничка грешка и играње со рака на гостинскиот дефанзивец Бисек.

Месијас биеше од белата точка, Зомер го одбрани неговиот удар, но топката се врати до истиот фудбалер кој од втор обид ја смести во мрежата.

Се вчитува...