Барселона триумфално ја отвори новата сезона во Ла Лига откако каталонскиот гигант како гостин славеше против Валенсија со 1-2. Роберт Левандовски беше човек на одлука со нови два погодоци, кои полскиот ветеран продолжува да биде кошмар за „лилјаците“ ако се знае дека на досегашните четири средби со овој ривал има постигнато шест гола.
Столе Димитриевски во последните сезони најдобрите партии ги прикажуваше токму против Барса, но тренерот Бараха овојпат реши предност да му даде на Мамардашвили, а македонскиот репрезентативец мечот на „Местаља“ го проследи од клупата за резерви. Валенсија одигра одлично прво полувреме во кое домаќините и заслужено поведоа откако Дуро со прецизен удар со глава го матираше Тер Штеген. Домаќините имаа одлична шанса и за 2-0 во самиот финиш од првото полувреме, но гостинскиот дефанзиец Кубарси спречи двојна радост на Валенсија.
Казната стигна експресно, откако Левандовски се најде на вистинското место и израмни на 1-1 буквално во последните секунди од првото полувреме. Овој гол ги шокираше домашните фудбалери, Барса подобро влезе во вториот дел, па стигна и до водство од 1-2 со пеналот на Левандовски откако Рафиња беше фаулиран во шеснаесетникот на Валенсија.
Фудбалерите на Валенсија делуваа премногу изморено за да се вратат во мечот, каталонците доминираа на теренот, не користејќи неколку шанси за уште поубедлива победа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

