Рахим Стерлинг е чекор поблиску до излезната врата во Челси откако тренерот Енцо Мареска реши да не го вклучи долгогодишниот англиски репрезентативец во списокот на играчи за денешното дерби против Манчестер Сити во првото коло од Премиер-лигата.
Јасно беше дека Стерлинг нема да биде стартер на „сините“ но се очекуваше тој да се најде на клупата за резерви против поранешниот клуб. Сепак, одлуката на Мареска е јасна порака од тренерот и од управата дека крилниот офанзивец не е дел од плановите за новата сезона, се со цел да се забрза неговото заминување од „Стемфорд бриџ“.
Во текот на минатата седмица Челси преговараше со Јувентус за директна размена на Стерлинг за Федерико Киеза, но трансферот пропадна бидејќи Англичанецот одби да ја намали сумата што ја заработува моментно во Лондон.
Стерлинг утрово бил известен за одлуката на Мареска, по што побарал состанок со тренерот и со управата. Поранешниот фудбалер на Ливерпул и на Манчестер Сити има уште три години од договорот со Челси, откако во 2022 потпиша за лондонските „сини“ за сума од 47,5 милиони фунти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА