Брентфорд славеше со 2-1 над Кристал Палас во првиот меч од денешната премиерлигашка програма, дуел во кој домашните подобро ги искористија своите шанси и стигнаа до победата. Брентфорд на овој меч настапи без најдобриот стрелец Ајван Тони кој инсистира на трансфер летово, но неиграњето на корпулентниот напаѓач не остави преголема трага и избраниците на тренерот Френк успеаја да стигнат до победата.
Ембеумо го постигна водечкиот гол за Брентфорд пред крајот на првото полувреме, Палас израмни со автоголот на Пинок, а победничкиот погодок беше дело на Виса, кој натрча на една одбиена топка и од непосредна близина ја смести во мрежата.
Дуелот го одбележа и катастрофалната грешка на главниот судија, кој при резултат 0-0 и слободен удар на Езе од триесетина метри го поништи евроголот на гостинскиот фудбалер, судејќи прекршок за минимален контакт во шеснаесетникот, далеку од топката. ВАР неколку минути ја прегледуваше снимката, но не можеше да ја корегира грешката на главниот судија, бидејќи тој имаше свирнато фаул пред топката да заврши во мрежата.
Спорната одлука и поништениот регуларен гол на Езе можете да ги погледнете на ОВОЈ ЛИНК.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА