АНАЛИЗА: Ливерпул е единствен клуб кој не донесе засилување а изгледа поинаку – Визијата на Слот има смисла!

Започна новата сезона во Премиерлигата. Низ преодниот рок дсега максимално активни беа речиси сите нејзини клубови, што и се очекува од најбогатата лига во светот. Сите освен Ливерпул, кој досега не донесе ниту еден играч. Интересно. Од 132 клуба кои играат во седумте најсилни европски лиги, Ливерпул е единствениот клуб што нема ангажирано ниту еден нов играч. И покрај ова, Ливерпул уште од првото коло се виде дека изгледа многу поразлично од претходните сезони.

Причина за тоа е секако доаѓањето на поранешниот тренер на Феенорд, Арне Слот на местото на Јирген Клоп. Во текот на претсезонските натпревари, Ливерпул не доживеа ниту еден пораз во дуелите со Бетис, Арсенал, Манчестер Јунајтед, Севилја и Лас Палмас. Сите победи, освен ремито на последниот тест-меч, притоа со десет постигнати гола а примени само два.

Фудбалот на Слот се темели на контрола на играта, а не на френетичност

Токму тој мал број на примени голови и прикажаното на терен покажуваат дека играта ќе се разликува малку од онаа на Јирген Клоп. За разлика од познатиот пресинг и добиениот епитет – ‘рокенрол фудбал’, стилот на Слот повеќе се заснова на контрола на играта, иако клубот по неговото пристигнување изјави дека е избран затоа што е најсличен на Клоп.

Поседот на топката е главниот начин со кој Слот сака да го намали хаосот на терен предизвикан од преголемиот број шанси кои Ливерпул им ги дозволуваше на противниците. Ливерпул минатата сезона им дозволи на противниците 80 големи шанси. За споредба, Арсенал дозволи – 43, Манчестер сити – 60, а Евертон – 80.

Со оглед на тоа што Ливерпул нема елитен играч на позицијата дефанзивен играч за врска, идејата на Слот е да постави два „пивоти“ во формацијата 4-2-3-1 кои ќе го контролираат поседот и темпото на игра. Бидејќи нема доверба во Ватару Ендо, Алексис Мек Алистер и Рајан Гравенберх се таа двојка. И факт е дека Мек Алистер ќе има повеќе одбранбени одговорности бидејќи Гравенберх е послаб во тој поглед. Тоа не е најсреќната опција за Ливерпул, но откако Мартин Зубименди одби да се пресели од Реал Сосиедад, се чини дека нема друга опција. Клубот во никој случај не навестува дека ќе добие ново засилување, па веќе никој не би бил изненаден доколку Ливерпул остане единствениот клуб од големите европски лиги без летно засилување.

Ливерпул ќе мора да биде трпелив, но филозофијата на Слот има смисла

Уште на првиот меч од Премиерлигата стана јасно дека најголемите проблеми за одбраната на Ливерпул се по погрешните додавања на Вирџил ван Дајк или неуспешната тактика да го стави противникот под притисок. Целта на Ливерпул овде е да се извлече од тој притисок и да го искористи просторот што се создава во централниот дел од теренот, но наместо тоа Ипсвич му создаде проблем и на крајот упати два удари во шеснаесетникот, додека Ливерпул остана на нула.

Дури по 56 минути од тој натпревар Ливерпул ја одигра првата акција која точно покажа што сака Слот. Окупација на левата страна од теренот со вишок играчи, а потоа комбинаториката на Александер-Арнолд со Собослаи создаде шанса на Луис Диаз.

Ипсвич не е репер, но акциите прикажани на тој натпревар, вклучително и оние што ги видовме на подготовките, сугерираат дека Ливерпул ќе биде повеќе од интересен клуб за гледање и оваа сезона. Можеби нема да биде толку френетично и бурно како во сезоните зад нас, но идеите на Слот се и тоа како многу привлечни.

Потребна е реакција на пазарот за борба за титулата

За жал за Ливерпул, ова секако не гарантира добар резултат на секој натпревар. На натпреварите каде што и другите тимови ќе бараат посед, дефанзивната структура ќе биде многу загрозена, а ќе гледаме и тимови кои ќе притиснат поуспешно од Ипсвич и подобро ќе ги искористат можностите како оние во првото полувреме.

Инертноста на клубот на пазарот на играчи ќе се почувствува веднаш штом ќе пристигне европското темпо на натпревари, а се подразбира колку тешко би можело да го погоди клубот евентуална повреда на некој од клучните играчи. Дополнително, клубот во одреден момент ќе мора да се осврне и на договорите на Салах, Александер-Арнолд и Ван Дајк, бидејќи сите тројца влегуваат во последната година од договорите, па преговорите со нив нема да бидат лесни.

Во секој случај, влез на сезоната со три бода, а можеби и уште поважно, со тоа што е видлив ракописот на Слот и дека филозофијата им е јасна на играчите, секако е охрабрувачки. Иако јасно е дека сезоната сигурно ќе донесе искушенија кога само тоа веќе нема да биде доволно. Затоа, за навивачите на Ливерпул можната борба за титулата, некој од пехарите или европскиот успех се амбиции над очекувањата.

Се вчитува...