Работнички за две години успеа да се извлече од огромни долгови, лани имаше и сериозен буџет за македонски услови со кој не стигна до посакуваните резултати, но „центарци“ сега се соочуваат со нови проблеми кои го нарушуваат планот на подготовки за новата сезона. Тренерот Горан Самарџиев веќе ги почна тренинзите, но наместо тие да се одвиваат СРЦ „Кале“, „центарци“ првиот собир и почетните подготовки ги имаат во училишната сала од ОУ „Киро Глигоров“.
Управата на Работнички веќе најави дека за годинава е планирано конечно да се реализира идејата за целосно реновирање на салата „Градски Парк“, но сите најави велеа дека „центарци“ ќе продолжат со тренинзи и натпревари во „Кале“, нешто што беше вообичаена пракса во последните години откако со оваа сала почна да стопанисува КФСМ.
Јасно е дека Работнички (како и речиси сите клубови од Првата лига) има долгови од ланската сезона, нешто што се должи на доцнењето на државните пари во целокупниот спорт. Сепак, поразувачки делува фактот дека најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, клуб кој со реномето треба да биде пример за останатите, за жал е под посакуваните стандарди за нормално функционирање.
Останува надежта дека ќе биде најдено решение за проблемот, бидејќи времето одминува, а „центарци“ наскоро ќе мора да најдат и локација не само за сериозни тренинзи, туку и за сала каде би ги играле домашните натпревари во иднина. Само за потсетување, Работнички во новата сезона треба да настапува и во АБА2 лигата, а премиерниот меч ќе го игра на 24 септември, во Скопје. Каде поточно, во моментов никој не знае…
Кога вакво нешто се случува со најтрофејниот, истовремено шампионот со уште еден прволигаш е заглавен со БАТ-забрана за регистрација на засилувања, а речиси сите други клубови грицкаат нокти чекајќи ги парите од државата за да ги пополнат дупките од ланската сезона (за оваа новата, допрва ќе се размислува), логично е да се постави прашањето каде ни оди кошарката. За жал, одговорот е само тоне надолу и надолу….
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА