Удар за Столе: Ливерпул го купува Мамардашвили, па го враќа назад во Валенсија

Столе Димитриевски сега се наоѓа многу блиску до заминување од Валенсија по прекршеното ветување од управата на клубот дека Македонецот доаѓа од Рајо Валјекано за да биде прв голман на тимот од „Месталја“. Планот на Валенсија беше Димитриевски да биде стартер по заминувањето на Мамардашвили, но ситуацијата се искомпликува откако Валенсија не доби понуди какви што очекуваше за грузискиот репрезентативец по ЕВРО 2024.

Ливерпул е единствениот клуб со конкретни преговори, првичниот план беше „црвените“ веднаш потоа да го позајмат Грузиецот во Борнмут, но сега и таа варијанта пропадна. Последните информации говорат дека самиот Мамардашвили одбил позајмица во Борнмут, но по клубовите се договориле Ливерпул да го купи одличниот голман, но веднаш потоа да го остави да мине уште една година во Валенсија.

Јасно е дека грузискиот ас ќе биде прва опција на тренерот Бараха сезонава, што го става македонскиот репрезентативец во крајно непријатна состојба. Димитриевски во договорот со Валенсија има клаузула со која може да си замине за отштета од три милиони евра, а многу поверојатно е дека тој летово ќе оди на позајмица во друг клуб. Заинтересирани за ваквата варијанта се челниците на неговиот поранешен клуб Рајо Валјекано, кои не ја кријат желбата да го вратат Столе во своите редови.

Се вчитува...