Денеска во Охрид стартува четвртото издание на Меѓународната едриличарска регата „Охрид 2024“ која се одржува во организација на едриличарскиот клуб „Акватика Јахтинг“ од Охрид.
Овој пат регатата, која четврта година по ред се организира на Охридското езеро, е во рамките на манифестацијата „Оhrid Water festival“ која е под покровителство на Општина Охрид.
На Интернационалната регата, која ќе се одржува денеска и утре, најавено е учество на околу 50 едриличари од Србија, Албанија, Турција и двата едриличарски клуба од Македонија, ЕК „Снегар“ од Струга и домаќинот ЕК „Акватика Јахтинг“ од Охрид.

„Чест и задоволство, но и одговорност е да се организира еден ваков спортски настан кој го воздигнува на пиедесталот не само едриличарството како спортска дисциплина која плени со својата уникатност како спорт преку кој истовремено извираат и грациозноста и адреналинот, туку и градот Охрид кој освен што е познат како град на културата и уметноста, полека, но сигурно станува препознатлив и како град на спортот и спортскиот туризам. Да се организира еден ваков настан од меѓународни рамки не е воопшто лесно, но ентузијазмот, желбата и љубовта да се успее кои преовладуваа кај секој еден од нас покажаа дека секоја препрека може да се надмине“ – истакна претседателот на „Акватика јахтинг“, Стефан Ставрев на отворањето на регатата, притоа дополнувајќи:
„Овие два дена срцето на Охрид нека бие во ритамот на далгите и ветерот, а тие нека го преточат ова збиднување во традиција наречена Македонска едриличарска регата, бидејќи Охрид, Македонија и сите ние го заслужуваме тоа“.

Пред присутните како претставник од Општина Охрид се обрати Јоне Станкоски кој потенцираше дека денес на ова прекрасно место се собрани љубителите на водата и едрењето кои ја делат истата страст.
„Оваа регата не е само натпревар, таа е можност за создавање нови пријателства, размена на искуства, но и уживање во природата која не опкружува во убавините на нашето Охридско Езеро. Вашата посветеност и љубов кон едрењето го прават овој настан посебен кој од година во година станува помасовен и попосетен со натпреварувачи кои доаѓаат од странство“, рече Станкоски.
На регатата и претходеше и еднонеделниот едриличарски тренинг-камп на кој учесниците разменија меѓусебни икуства за дополнителен развој и напредок на едрењето во регионот.
ФОТО: А. Момироска (www.ohridnews.com.mk)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

