Вардар добива големо засилување за продолжението од сезоната во Првата македонска фудбалска лига во името на поранешниот македонски репрезентативец Бобан Николов.
Како што дознава ЕКИПА, Николов кој е без клуб по разделбата со унгарска Кишварда се одлучил да ја прифати понудата за враќање во црвено-црните редови каде со успех настапуваше од 2015 до 2018 година.
30-годишниот Николов беше во очекување на продолжување на кариерата во странство, имаше понуди и од Русија, но се чини дека на крај ќе заврши во Вардар во желбата да му помогне на клубот да се избори за европски излез во новата сезона.
Николов беше дел од Кишварда минатата сезона, а претходно во кариерата настапуваше и за романска ФЦСБ, молдавски Шериф Тираспол, италијански Лече, унгарски Видеотон и романска Академија Хаџи. Има 49 настапи за македонската репрезентација и постигнати четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА