Следното коло во италијанскиот фудбал ќе биде во чест на Свен Горан Ериксон

Во Италија фудбалските натпревари ќе започнат со едноминутно молчење во спомен на починатиот Свен Горан Ериксон. Фудбалерите на двете најсилни италијански лиги – Серија А и Б, ќе му оддадат почит на починатиот шведски селектор Свен Горан Ериксон со едноминутно молчење.

Ова го потврди италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ).

„Веста за неговата смрт е голема тага за италијанскиот фудбал. Ценет и почитуван поради неговите професионални и човечки квалитети, Свен-Горан беше одличен тренер чие сеќавање засекогаш ќе биде поврзано со Италија. Неговата љубов кон фудбалот и животот ги допре сите и ги обедини навивачите без никакви разлики“, изјави претседателот на ФИГЦ, Габриеле Гравина.

Швеѓанецот почина во понеделникот на 76-годишна возраст. Во јануари оваа година тој откри дека му бил дијагностициран терминален карцином на панкреасот. Последната работа на Ериксон беше во шведски Карлштад, каде што беше спортски директор. Во Италија како тренер работеше во Рома, Фиорентина, Сампдорија и Лацио.

Купот на Италија го освои со Рома (1986) и Сампдорија (1994), а најмногу успех имаше со Лацио. Со клубот од Рим беше шампион во Серија А во 2000 година, двапати го освои Купот на Италија (1998, 2000), Суперкупот на Италија два пати (1998, 2000) и Купот на Победниците на Куповите (1999), како и Европскиот Супер Куп. (1998).

Се вчитува...