Раководството на Баер Леверкузен е активно на пазарот во последните денови од летниот преоден рок, па така германскиот првак успеа да направи рокада во дефанзивната линија.
Одилон Косуну, кој имаше значајна минутажа во ланската феноменална сезона на Баер летово побара да ги смени клупските бои, а негова следна дестинација ќе биде Аталанта. Актуелниот освојувач на Лигата на Европа постигна целосен договор со Баер, за позајмица на една година за која Аталанта ќе плати 5,5 милиони евра и опција следното лето да го откупи Косуну од „фармацевтите“ за дополнителни 25 милиони евра.
Баер веднаш договори замена за овој фудбалер, па во своите редови ќе го доведе Норди Мукиеле. Екс-фудбалерот на Лајпциг не се снајде најдобро по трансферот во ПСЖ, па „светците“ дадоа зелено светло тој да се врати на едногодишна позајмица назад во Бундес-лигата.
Германскиот првак е во завршни преговори и за позајмица на младиот фудбалер за врска на Ливерпул, Тајлер Мортон. Финансиите не се проблем во овие преговори, туку инсистирањето на англискиот клуб да добие гаранција дека Мортон ќе добие минутажа за да ги покаже своите квалитети во дресот на „фармацевтите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА