Галатасарај остана без ЛШ, Салцбург и Спарта Прага дел од елитата

Јанг Бојс приреди изненадување во вечерашните квалификации за Лигата на Шампионите, откако швајцарскиот тим и на реваншот во Истанбул беше подобар од Галатасарај, со триумф од 0-1 трасирајќи си го патот во групната фаза од елитното европско натпреварување.

Турскиот гигант важеше за голем фаворит на вечерашниот реванш, но не успеа да ја оправда таа улога на теренот. Вирџиниус беше херојот на Јанг Бојс постигнувајќи го победничкиот гол во 87. минута, а Галата тогаш остана и со играч помалку по директниот црвен картон што му беше покажан на голманот Муслера.

Салцбург исто така ќе биде дел од елитата откако австрискиот првак ремизираше 1-1 на реваншот на домашен терен со Динамо Киев. Пресудна се покажа победата од 0-2 на првиот меч меѓу овие ривали, вечерва Динамо беше тимот што повеќе напаѓаше и создаваше шанси, но Салцбург успеа да ја задржи предноста за пласман во Лигата на Шампионите.

Многу интересно беше во Прага, каде Спарта со два гола во последните десет минути славеше со 2-0 над Малме, за учесто во елитното европско натпреварување. Чешкиот тим не реализираше пенал преку Бирманчевиќ во првото полувреме, а десетина минути подоцна беше досуден и пенал за Малме што готите исто така не го претворија во гол. Судијата Турпан во 80. минута и трет пат покажа на белата точка, овојпат Харашлин ја презеде одговорноста и шутираше прецизно, пред истиот фудбалер да му асистира на Рахмани при голот за конечните 2-0.

Се вчитува...