Пет меча суспензија за тепачот Дарвин Нуњез

Фудбалската Асоцијација на Јужна Америка, КОНМЕБОЛ, ги изрече казните за големиот инцидент по завршувањето на полуфиналето на Копа Америка кога дел од уругвајските фудбалери се качија на трибината и влегоа во физичка пресметка со колумбиските навивачи.

Уругвајците бурно реагираа по мечот критикувајќи ги организаторите за катастрофалната безбедност, бидејќи нивните семејства биле нападнати на трибините и тие затоа морале да се тепаат со противнички навивачи за да ги заштитат своите најблиски. И покрај фактот за организациски пропусти, Уругвајците платија скапа цена за големиот инцидент, откако дел од првотимците заработија суспензии.

Прв на листата е Дарвин Нуњез, откако голгетерот на Ливерпул прв се прекачи преку оградата и тргна да се тепа со Колумбијците на трибината. Тој е санкциониран со пет меча суспензија за наредните настапи на националниот тим, а играчите кои тргнаа по него исто така се санкционирани, Родриго Бентанкур со четири меча неиграње, а Оливера, Араухо, Касерес и Хименез добија суспензии од по три натпревари.

Покрај тоа, Уругвајката Фудбалска Федерација ќе плати 97.000 долари казна за однесувањето на своите фудбалери.

Се вчитува...