Теум Копмајнерс не го криеше задоволството што конечно му се исполни желбата да го облече дресот на Јувентус откако асот на Аталанта летово одби неколку понуди инсистирајќи токму „старата дама“ да биде негова следна дестинација во кариерата.
На крајот, тоа се реализираше откако Јуве синоќа го претстави холандскиот репрезенативец како свое најскапо засилување во овој преоден рок.
„Пресреќен сум што сум овде, сонував за ова долго време. За мене Јувентус е најголемиот клуб во Италија, се што видов досега е толку убаво… Како што веќе реков, пресреќен сум што сум дел од овој клуб, што ќе играм со овие фудбалери и за овој тренер. Кога дојдов во најголемиот клуб, нормално е да очекувам трофеи, тоа е причината поради која дојдов, да освојувам пехари како член на Јувентус“, изјави Копмајнерс.
„Црно-белите“ се лидери на табелата по првите две рунди со шест освоени бода и гол-разлика 6-0.
„Ги гледав двете средби, она што ме прави уште посреќен е што очигледно ќе играм за екипа што сака да напаѓа, што ќе игра офанзивен фудбал, што мене апсолутно ми одговара. Сакам да трчам многу и да играм во високо темпо, тоа е она на што инсистира и тренерот Мота и затоа верувам дека добро ќе се вклопам“, порача холандскиот играч за врска чиј трансфер од Аталанта изнесува 60,7 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА