Интер игра шампионски – Аталанта растурена на „Џузепе Меаца“

Интер го одигра својот најдобар меч од стартот на сезонава, декласирајќи ја Аталанта со 4-0 на отворањето од третото коло во Калчо-лигата. Тимот од Бергамо знае да биде незгдоен ривал за фаворитите за највисок пласман, но „нероаѕурите“ вечерва одиграа шампионски, во ниту еден момент не дозволувајќи им на гостите да се понадеваат на изненадување на „Џузепе Меаца“.

Во прилот на избраниците на Инзаги им одеше и што првата шанса ја претворија во гол, всушност автогол откако Џимсити по додавањето на Турам несреќно ја смести топката во сопствената мрежа. Аталанта беше во нокдаун, а Интер знаеше како да го искористи тоа, па набрзо стигна и до 2-0 со еврогол од дваесетина метри што го постигна Барела.

Печат на победата беше ставен на почетокот од второто полувреме, кога Маркус Турам блесна и со два рутински гола потврди дека се наоѓа во извонредна форма.

Гостите можат да бидат и среќни што не примија уште повеќе голови, особено ако се земат во предвид промашувањата на Арнаутовиќ во последните минути од овој натпревар.

Се вчитува...