Милевски: Силна е вербата во овие момци, силно верувам во успех во оваа Лига нации!

Македонската репрезентација денеска со првиот собир, подготвувајќи се за пресметките со Фарските острови и со Ерменија, стартува нов циклус од Лигата на нации, овој пат на патот за пласман на Светското првенство 2026.

Селекторот Боби Милевски, некако вообичаено низ последната година, повторно се соочува со проблемот на нестандардност на добар дел од репрезентативците во своите клубови, факт кој и тоа како се одразува и на игрите во националниот дрес. Но, Милевски вели дека тоа воопшто не го загрижува затоа што многу добро знае за квалитетот и потенцијалот на секој од повиканите репрезентативци, и огромната жар со која секогаш доаѓаат на собирите на националниот тим.

„На списокот е, буквално од прв до последен, најдоброто со кое располага македонскиот фудбал. Тие се најдобрите репрезенти на македонскиот фудбал од секој можен аспект кои многу пати досега потврдиле што за нив значи репрезентативниот дрес. Многу пати досега го потврдиле и својот потенцијал и квалитет на терен, и надвор од него, поради што се неизбежен дел од репрезентацијата“ – вели селекторот Милевски и дополнува:

„Затоа и навистина сум мирен пред овој собир. Знам дека секој од нив, без разлика и на минутажата која ја има во својот клуб, е максимално подготвен за тоа што не очекува овие десет дена. Многу добро го познавам карактерот на секој од нив, и многу добро знам колку секој е подготвен да даде за селекцијата“.

Оваа Лига нации е можност и за пласман на Светското првенство 2026…

„Да, иако е јасно дека патот до таму повторно ќе биде многу тежок. Но, навистина огромна е вербата во овие момци. Силно верувам во нивниот докажан квалитет. И да бидам искрен, силно верува во успех низ настапите во оваа Лига нации која верувам ќе ја завршиме на задоволство на целокупната спортска јавност. Мирен сум пред септемврискиот циклус затоа што речиси сите ги минаа подготовките и се максимално подготвени, за разлика од јунскиот прозорец кој секогаш ни бил проблематичен“.

Првиот натпревар е против Фарски Острови на гостински терен веќе на 7. септември од 15 часот, а вториот дуел е закажан на 10. септември од 20:45 часот против Ерменија во Скопје.

„Фарски Острови се реално незгоден противник, агресивен и дисциплиниран противник посебно на домашен терен каде се игра на вештачка трева и ќе мора да се навикнеме и на тој момент. Мора да сме на максимумот на можностите, сите ставени во функција на тимот, но со респект кон секој противник во групата. Фарски Острови не се наивни, условите ќе бидат тешки и мора да се потрудиме максимално“ – вели селекторот Милевски пред денешната прва септемвриски репрезентативна прозивка.

Се вчитува...