Ерик тен Хаг повторно се најде на ударот на англиската фудбалска јавност откако Манчестер Јунајтед во третото коло го претрпе и вториот пораз во новата сезона, овој особено болен ако се знае дека „црвените ѓаволи“ загубија на домашен терен со убедливи 0-3 од лутиот ривал Ливерпул.
Јунајтед беше целосно надигран и можеше да претрпи и уште поубедлив пораз, откако Ливерпул целосно ги исфрли на површина бројните слабости во играта на „црвените ѓаволи“. Воедно, Тен Хаг испиша уште еден неславен рекорд, откако стана прв тренер во историјата на Манчестер Јунајтед што во рок од нецели 12 месеци загубил три меча на „Олд Трафорд“ со по три гола разлика.
Серијата почна на градското дерби со Манчестер Сити во октомври 2023 што „граѓаните“ го добија со 0-3, потоа Борнмут го шокираше Тен Хаг со идентичен триумф, за Ливерпул вчера со истиот рецепт да слави на „Олд Трафорд“.
„Видов и доста позитивни работи, но не сакам да зборувам за позитивни работи кога ќе загубиме со 0-3 од Ливерпул. Честитки за противникот, ние видовме како треба да бидеме подобри… Не сум загрижен, знам дека има уште многу да се игра и убеден сум дека до крајот на сезонава ќе се бориме за најмалку еден трофеј“, изјави Тен Хаг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА