Галатасарај нуди спас за хаосот Наполи – Осимен

Галатасарај се обидува да го искористи тоталниот колапс во односите меѓу Наполи и Виктор Осимен за да го доведе овој одличен голгетер во своите редови. Галата не успеа да се пласира во Лигата на Шампионите, но челниците на турскиот гигант веруваат дека со Осимен во тимот ќе бидат апсолутни фаворити за титулата на домашната сцена, како и дека ќе можат далеку да дотуркаат во Лигата на Европа.

Само за потсетување, Наполи инсистираше на продажба на Осимен летово, на крајот од преодниот рок го договори трансферот во Ал Ахли, но нигерискиот голгетер ја одби оваа понуда чекајќи трансфер во Челси. Лондонскиот клуб на крајот се повлече, по што Аурелио де Лаурентис остана бесен со најплатениот фудбалер во тимот, решавајќи воопшто да не го вклучи Осимен во листата на играчи за настап во Калчо-лигата.

Тренерот Антонио Конте денеска потврди дека воопшто не смета на одличниот голгетер сезонава, па Галатасарај има сосема реални шанси да дојде до потписот на Нигериецот. Станува збор за понуда за позајмица со која турскиот тим би платил минимална отштета, но и целосно би ја покрил платата што Наполи треба да му ја исплати на Осимен (11 милиони евра бруто). Така, голгетерот една сезона би бил во натпреварувачки ритам, по што Наполи следното лето би инсистирал на негов перманентен трансфер.

Се вчитува...