Македонскиот првак Е. Пелистер подготовено го дочекува стартот на новата сезона во која битолчани не само што ќе го бранат трофејот во домашното првенство, туку и се надеваат на далеку подобри резултати во Лигата на Шампионите каде лани не освоија ниту еден бод.
За таа цел, во изминатиот период беа одиграни бројни пријателски натпревари, за кои тренерот Бранислав Ангеловски верува дека добро ќе послужат за предизвиците што го очекуваат тимот во наредните месеци. Разочарувачки делуваше поразот од Загреб на турнирот во Добој од 19-37, но Ангеловски верува дека тој неуспех се должи на бројни фактори и дека истиот ќе биде заборавен веќе утре, со добра игра во Супер-купот на Македонија против тимот на Алкалоир.
„Турнирите на кои учествувавме беа одбрани од мене и стручниот тим, можам да кажам дека беше задоволство да се игра на трите квалитетни турнири. Нашата замисла беше да направиме некоја ситуација која ќе нè чека годинава. Првенството ќе биде тешко, но и доста поинтересно. За системот натпреварување среда-сабота мораше да се подготвиме и да го изменаџираме со овие припреми, со многу пријателски натпревари со различен тип на екипи. Презадоволен сум од прикажаното. Можеби овој висок пораз од Загреб дојде како последен тест, но се насобра целото отсуство од дома и натпреварите ден за ден. Набрзо мислам ќе се заборави со мечот во Суперкупот против Алкалоид“, изјави Ангеловски.
Дуелот од Супер-купот на Македонија меѓу Е. Пелистер и Алкалоид на програмата е утре во 19 часот, во салата во Гевгелија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА