Сколс брутален: Јас имав соиграч кој беше поголемо промашување од Антони во Манчестер Јунајтед…

Пол Сколс се приклучи на критиките кон Антони како големо трансфер-промашување на Манчестер Јунајтед, но легендарниот плејмејкер се потсети на времето кога тој настапуваше, а крај себе имаше соиграч кој според него бил уште послаб од она што сега го покажува бразилскиот крилен офанзивец.

Станува збор за голманот Марк Боснич, австралискиот чувар на мрежата кој претставувал огромно разочарување за Алекс Фергусон, но и за сите останати фудбалери на Јунајтед.

„Се сложувам дека Антони е големо разочарување, уште поголемо ако се знае колку пари беше платен неговиот трансфер и какви му се бројките за голови и асистенции. Сепак, за мене најголемо трансфер-промашување во историјата на Јунајтед беше Марк Боснич. Моравме да најдеме замена за Шмајхел и знаевме дека ќе биде тешко… Боснич беше добар на голот на Астон Вила, но кога дојде кај нас се однесуваше крајно непрофесионално. Беше смешно и да се гледа од страна, не можеше ни да издржи еден голмански тренинг. Вежните на удари со Шмајхел траеја меѓу 15 и 20 минути, Боснич по три минути веќе не знаеше каде се наоѓа. Човекот не знаеше ни да шутне топка до половина терен, што е основа за голманите, такво нешто немам видено во животот“, критичен беше Пол Сколс.

Се вчитува...