Душан Влаховиќ е фудбалерот кој ќе земе најголема плата во Серија А во сезоната 2024/25, вели анализата на магазинот „Calcio e Finanza” кој вообичаено излегува со точни конкретни бројки за заработувањата на асовите во елитното италијанско фудбалско друштво.
Влаховиќ е убедливо прв со плата од 12 милиони евра нето, или еден милион евра месечно, па јасно е зошто Србинот летово и покрај неколкуте опции за заминување реши да остане во најтрофејниот италијански клуб. Заедно со даноците и останатите придонеси, Јувентус ќе плати вкупно 18,9 милиони евра само за платата на Влаховиќ за наредната сезона.
Виктор Осимен пред трансферот во Галатасарај беше втор на оваа листа, а таа позиција сега му припаѓа на Лаутаро Мартинез. Капитенот на Интер има загарантирани девет милиони евра по сезона, плус два милиони ако исполни неколку бонуси, но и со таа сума тој сепак би заостанувал зад Влаховиќ.
Пауло Дибала одби 25 милиони евра годишна нето плата во Саудиска Арабија, а Аргентинецот е трет најплатен фудбалер во Италија со седум милиони евра. Зад него се Маркус Турам и Хакан Чалханоглу од Интерсо по 6,5 милиони евра годишно, колку што ќе заработи и новото засилување на Наполи, белгискиот џин Ромелу Лукаку.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА