Трапановски: Ако играме како што знаеме, без проблем ќе ги освоиме трите бода со Фарските Острови

Кристијан Трапановски одлично ја почна авантурата во шкотската Премиер-лига во дресот на Данди Јунајтед, по што крилниот офанзивец заслужено доби шанса и во А-репрезентацијата.

Тој тренира со остатокот од националниот тим во пресрет на двомечот со Фарските Острови и со Ерменија, максимално мотивиран серијата добри игри на клупски план да ја продолжи и во репрезентативниот дрес.

„Задоволство ми е што сум дел од националниот тим на Македонија, се надевам дека ако ми биде укажана шанса ќе ги покажам своите квалитети и во националниот тим. Остатокот од групата ме пречека супер, иако сум прв пат овде се чувствувам како подолго време да сум дел од репрезентацијата“, истакна Трапановски.

Тој е оптимистички расположен во пресрет на првиот меч – гостувањето против селекцијата на Фарските Острови, меч закажан за сабота во 15 часот.

„Целта е јасна, да одиме на победа на секој натпревар, да освоиме што повеќе бодови и ако е возможно да славиме на сите средби. Фаворити сме, но веќе нема лесни противници во фудбалот и затоа мораме да сме внимателни и да дадеме се од себе на секој натпревар. Верувам дека нашата репрезентација има поголем квалитет од Фарските Острови, се надевам дека теренот и времето нема да прават проблеми и ако ние бидеме вистински, ако играме како што знаеме, ќе немаме проблем и ќе ги освоиме трите бода“, оптимист е дебитантот во нашиот национален тим.

Се вчитува...