Младинците на мегдан со Холандија: Противникот е силен, но со верба во себе можеме до изненадување

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година, денеска во Алмере со почеток од 20. часот ја очекува дуел со Холандија во натпревар од квалификациите за пласман на Европско првенство, кое 2025 година ќе се одржи Словачка.

Еден од клучните играчи на генерацијата предводена од Драги Канатларовски, Андреј Стојчевски даде свој коментар и видување за претстојните предизвици на Македонија. Тој е свесен дека „лалињата“ ќе ја имаат фаворитската улога на вечерашниот дуел, но истовремено и најавува дека Македонија е подготвена да се прикаже во добро светло и ќе се обиде да го изненади противникот.

„Пред се утре е најбитно сите да бидеме здрави, физички и психички да бидеме подготвени за утрешниот предизвик. Не очекува тежок натпревар против силен противник и ќе мора да бидеме максимално сконцентрирани во текот на сите 90 минути. Свесни сме за квалитетот со кој располага Холандија, репрезентација која е една од најдобрите во Европа, но свесни сме и за нашиот потенцијал кој треба и се надевам дека ќе го покажеме на утрешниот натпревар. Единствено со многу борба и голема верба во самите нас, можеме да се надеваме на позитивен резултат. Секој натпревар е различен, секој од нас што е дел од оваа репрезентација вклучувајќи ме и мене го дал максимумот и ќе продолжи да го дава, без разлика против кого играме. Успеавме да оствариме позитивни резултати на натпревари на кои се веруваше дека тоа не можеме да го направиме“, изјави Стојчевски.

Младата репрезентација во септемврискиот период ќе одигра уште еден натпревар од квалификациите на гостински терен против селекцијата на Гибралтар.

Се вчитува...