Кик-боксерите пречекани од премиерот и министерот за спорт по успехот на СП… (ФОТО)

Младите македонски кик-боксери од Македонската Кик Бокс Маи Таи Федерација, предводени од претседателот Дејан Митровски – Урко, кои освоија два златни и еден сребрен медал на Светското јуниорско ВАКО првенство во Унгарија, денеска беа пречекани од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски.

„Нивната посветеност, напор и борбен дух се инспирација за сите нас и покажуваат дека соништата можат да се остварат со многу труд и желба. Горди сме на вас и ви посакуваме уште многу победи и успеси на светската сцена. Македонија е со вас, момци и девојки!“ – беше истакнато на денешната средба.

Во исклучително силната кокуренција на најдобрите млади кик-боксери од целиот свет што настапија на Светското јуниорско ВАКО превенство што се одржа од 24 до 31 август во Будимпешта, македонските натпреварувачи не израдуваа со три медали.

На приемот, покрај првиот човек Дејан Митровски – Урко, беа и генералниот секретар Драган Атанасовски, еден од помошните тренери Александар Димовски и судијката Елена Костадиновска.

Злато од СП на Македонија и донесоа Марија Димовска (-60 кг, помлад јуниор, лоу кик), Силвио Мировски (-71 кг, постар јуниор, лоу кик), а сребрен медал освои Лука Змејковски (+81 кг, помлад јуниор, лоу кик). Без медал остана четвртиот македонски натпреварувач на ова СП, Максим Митровски (-71 кг, постар јуниор, К1).

На Светското јуниорско ВАКО првенство во Будимпешта учествуваа 2256 спортисти од 68 земји.

Се вчитува...