Ракометарите на Пролет ги финишираат летните подготовки во пресрет на официјалниот старт на новата сезона закажан за викендов. Тренерот Александар Јовиќ имаше можност да ги види на дело новите ракометари, дел од помладите играчи, но лидер на екипата на Пролет и во новата сезона повторно ќе биде Ласко Андоновски.
Искусниот бек повеќе од една деценија ги брани боите на скопскиот клуб, а Андоновски е оптимист и пред предизвикот што ги очекува него и соиграчите во наредните девет месеци.
„Подготвени сме за она што следи. Мислам дека одработевме квалитетни подготовки во кои тренерот можеше да види на дело со каков тип на играчи и да скрои успешна стратегија за наредните натпревари. Работевме квалитетно, помладите кои се вклучија покажаа дека поседуваат квалитет и дека ќе можат да дадат свој придонес во текот на оваа сезона која ќе биде долга и од голема важност ќе биде секој од ракометарите во ростерот да даде свој придонес“, истакнува Андоновски.
Целта на Тинекс Пролет во првиот дел од сезоната ќе биде да се обезбеди место во Топ 6 на табелата во Супер-лигата, со што ќе се обезбеди учеството во плејофот.
„Квалитетот е кренат на едно повисоко ниво, а исто како и минатата сезона борба за највисок пласман ќе водат Пелистер, Вардар и Алкалоид. Охрид е зад овие тимови по квалитетот на составениот ростер, така што нема да биде лесно да се стигне до Топ 6. Конкуренцијата ќе биде силна, но јас верувам во Пролет. Нашиот тим е добар склоп на искуство и квалитет, имаме и генерација млади играчи кои веќе имаат искуство од ланските настапи во Супер-лигата и верувам деак сите заедно ќе ја оствариме таа цел – да се пласираме во плејофот“, вели Ласко Андоновски.
Премирниoт меч од новата сезона тимот на Пролт ќе го игра на гостински терен против Прилеп, меч закажан за 18.30 часот.
„Знаеме дека против себе имаме незгоден ривал, особено кога игра на домашен терен каде е особено опасен..На хартија ние сме фаворити, но тоа ќе мораме да го оправдаме и на терен. Тоа значи максимална концентрација од првата минута до последниот судиски свиреж, дисциплина во нападот и цвстина во одбраната, тоа е рецептот со кој можеме да стигнеме до цел плен и триумфално да ја почнеме новата сезона“, порачува главниот играч на Пролет во пресрет на стартот на новата Супер-лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА