Македонија од далечниот Торшавн го почнува походот кон првото место во ЛН

ЕКИПА во Торшавн
Горан Бошев

ФОТО: Роберт Спасовски

Без потценување и без да ја преземе улогата на фаворит, Македонија денеска во 15:00 часот од Торшавн во Фарските Острови го започнува четвртото издание во Лигата на Нации. Групата е идеална и по мерка кога станува збор за битката за првото место, а тоа на крајот може да донесе и историски деби пласман на Мундијалот.

За да размислуваме за пласман на Светското првенство, треба прво да се освои групата. А, таа почнува со незгодно гостување во Фарски Острови, на терен на вештачка трева и во сосема поинакви услови од оние во Македонија. Фарски Острови се селекција во подем, меѓутоа Македонија треба да потврди дека сака да биде првопласирана.

Без потценување и со респект кон противникот се постави и селекторот Благоја Милевски. На вчерашната прес-конференција од Торшавн, најави дека Македонија мора да биде на својот максимум ако сака да ги освои бодовите и да биде прва во групата.

„Фарски Острови воопшто не е наивна селекција. Не се согласувм дека не чека лесен натпревар. Лесно нема да биде, а тоа го покажува и нивната победа тука против Турција. Да се победи една таква селекција како што е Турција, не е мала работа. Затоа мораме да ги респектираме, и секако дека ние треба да бидеме на нашиот максимум. Само така можеме да се надеваме на победа и на освојување на групата. Верувам дека кај играчите има позитивна енергија, и дека таа енергија на крајот ќе ги донесе трите бода“, изјави селекторот Благоја Милевски.

Капитенот на националниот тим Енис Барди, кажа дека атмосферата во селекцијата е на високо ниво, и дека очекува сите да ја завршат својата работа, зададените задачи за на крајот да се освојат бодовите.

„Сите сме свесни што не очекува, и како треба да излеземе на овој и на следните натпревари. Направивме анализа, и се што требаше да направиме за овој меч. Мислам дека сме подготвени да дадеме се од себе да извадиме што е можно повеќе. Атмосферата никогаш не била подобра во националниот тим. Сите сме подготвени да дадеме се од себе за репрезентацијата“, вели Барди.

Македонскиот национален тим после Фарски Острови, игра на домашен терен против Ерменија во вторник, со што ќе се заокружи септемврискиот циклус на натпревари во Лигата на Нации.

Се вчитува...