Ракометарите на Тинекс Пролет со денешното гостување во Прилеп (18.30 часот) и официјално ќе го стартуваат настапот во новата суперлигашка сезона. Тренерот Александар Јовиќ е задоволен од прикажаното во делот од подготовките и верува дека тимот е подготвен за предизвиците што ги носи новиот настап во елитното македонско ракометно друштво.
„Можам да кажам дека сум презадоволен од она што го видов во текот на подготовките. Работевме квалитетно, а она што особено ме радува е желбата за работа на ракометарите, желбата да вложуваат во себе и на тој начин да напредуваат. Одигравме и две контролни средби, со Алкалоид и Борец Велес, видовме до каде сме во натпреварувачката форма и мој впечаток како тренер е дека подготвени го дочекуваме почетокот на новата сезона“, изјави Јовиќ.
Цел на клубот како и во минатите шампионати е пласман во плејофот, нешто што според стратегот на Тинекс Пролет е остварливо.
„Свесни сме што се очекува од нас, тоа е пласман во Топ 6 на табелата и учество во плејофот. Оптимист сум дека поседуваме и искуство и квалитет за тоа да се реализира, јас верувам во овој тим. Имавме одредени промени во ростерот во однос на лани што е вообичаено, влегуваме со нов голман, десен бек и со двајца нови пивоти. Можеби на пивотменската позиција немаме опција со посериозно искуство, но јас сум задоволен од залагањето на тројцата играчи што ги имам и верувам дека тие ќе напредуваат како што ќе одминува времето. Би рекол дека во моментов нивото на квалитет и на игра ни е слично како минатата сезона, но во наредниот период имаме капацитет да напредуваме за барем 20% и уште повеќе да ја кренеме нашата игра“, позитивно е расположен стратегот на Тинекс Пролет.
Отворањето на сезоната во Прилеп, ривал што е особено опасен кога игра на домашен терен, па Јовиќ гласно ги предупредува своите избраници.
„За пласман во Топ 6 неопходно е да се освојуваат и бодови надвор од својата сала, затоа за нас многу важно е уште од почетокот да стигнеме до цел плен. Јас имам голема почит кон прилепчани и кон тренерот Мојсов, но верувам дека Пролет поседува квалитет за да одигра добро денеска и да стигне до победата. Противникот игра квалитетен динамичен ракомет, затоа за нас важно ќе е да бидеме цврсти во одбраната, но уште повеќе – да имаме челична дисциплина во нападот. Мораме да ја цениме секоја топка, да играме трпеливо и да го лимитираме бројот на грешки, со што и противникот ќе има многу помалку шанси преку транзиција да стигне до лесни голови на спротивната страна. Верувам дека сме способни сето ова да го оствариме и на крајот да се радуваме на триумф“, оптимист е Александар Јовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА