Милевски: Не сум задоволен, со ваква емоција не може да се игра за Македонија!

ЕКИПА во Торшавн
Горан Бошев

ФОТО: Роберт Спасовски

Селекторот на Македонија Благоја Милевски, на прес-конференцијата по натпреварот ги истакна своите импресии од ремито 1-1 против Фарски Острови на стартот од Лигата на Нации.

Милевски кажа дека не е задоволен од резултатот и ремито со Фарски Острови, но и натаму крајната цел останува првото место во групата.

„Не можам да бидам задоволен од резултатот. Но, како што напоменав дека противникот е незгоден, сите услови за игра, не можеме да се пожалиме на ништо, освен таа вештачка трева на која не сме навикнати. Прв натпревар е секогаш незгоден, секогаш тежок, можеби најтежок натпревар во оваа наша група, така што одиме понатаму, немаме време многу за жалење, за два дена не чека друг натпревар, и крајната цел е првото место во групата во Лигата на Нации“, рече Милевски.

„Од првото полувреме не сум задоволен. Очекував од дебитантите многу повеќе од нив и од Иљазовски и од Митровски, затоа беа заменети. Од реакцијата на селекцијата во вториот дел можам да бидам задоволен. Сите сме како тим, и сите мораме да функционираме како тим. Но, ме загрижува еден факт, оваа емоција која ја видов денеска кај одредени играчи и искрено не може вака да се настапува за Македонија“, кажа селекторот.

Селекторот на Македонија не ја коментираше одлуката на судиите да покаже на белата точка за Фарски Острови.

„Искрено, никогаш не коментирам судиски одлуки, верувам на ВАР, не ја ни погледнав снимката, но штом судијата одлучил така, тука сум немоќен“, вели Милевски, кој ја коментираше и нереализацијата.

„Некогаш не сака топката да влезе во гол, но мора поголема концетрација, во тие завршни моменти, во тие моменти на реализација, инаку без фокус и концентрација на највисоко ниво и такви шанси не можеме да ги реализираме“, изјави селекторот.

Се вчитува...