Прилеп и Пролет одиграа 30-30 во првото коло од новата суперлигашка сезона, исход од кој можат да жалат и двата тима што не дојдоа до цел плен, ако се земат во предвид шансите што ги имаа и прилепчани и избраниците на Александар Јовиќ.
Почетокот мина во знакот на ракометарите на Пролет, кои беа фуриозни во првите десетина минути и предводени од одличниот Василевски (шест гола во првите 12 минути од мечот) стигнаа до предност од 4-9. Тајмаутот на домашниот тренер Мојсов успеа да ги консолидира редовите на прилепчани, па домашниот состав полека го топеше водството на гостите од Скопје. По исклучувањето на Глигоров прилепскиот состав дојде на еден гол разлика, а во 24. минута преку Бикоски стигна и до израмнување од 13-13. До крајот на полувремето се играше гол за гол, а на одмор се замина со 18-18 откако Тренчевски погоди од пивот за Прилеп во последната минута.
Пролет имаше и двајца играчи повеќе на стартот од вториот дел, но не го искористи тоа, па Прилеп поведе со 20-18, но Пролет одговори со три гола во низа и нова предност (20-21). Гостите имаа и 22-24, не реализираа напад за „плус три“, по што прилепчани експресно се вратија, останувајќи и со играч повеќе по исклучувањето на Стојчевиќ. Прилеп на осум и пол минути до крајот поведе со 27-26, а проблемите се зголемија кога Бахар по еден извонреден гол, веќе во следната акција при 27-27 беше исклучен по третпат, за што следеше и директен црвен картон, па Пролет не можеше да смета на тунискиот десен бек до крајот на мечот.
До последниот момент се играше „егал“, при 30-30 и двата тима имаа напади за победа, не успеаја да реализираат, па дуелот заврши без победник.
Василевски ги предводеше стрелците кај Пролет со десет гола, пред Андоновски со седум и Палевски со шест погодоци. Бикоски со шест погодоци беше најдобар стрелец кај Прилеп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА