Ракометарите на Вардар со денешното дерби против Алкалоид во Автокоманда ја почнуваат суперлигашката сезона во која „црвено-црните“ се решени да атакуваат на шампионскиот трофеј.
Пред две сезони „вардарци“ завршија на третото место, во 2023/24 беа второпласирани, а тренерот Владо Недановски не крие дека примарна цел за „црвено-црните“ во новото издание на Супер-лигата ќе биде враќање на тронот на македонскиот ракомет.
„Спремен е Вардар за новата сезона, Направивме добри подготовки, одигравме неколку контролни средби, настапивме на два турнири. Целите остануваат исти, без разлика дали Вардар има или нема играчи, и какви се тие, целите се секогаш тие. И претходните две сезони бевме доста блиски до титулите, а ги загубивме заради тој недостаток на ротација. Сега не можеме да кажеме дека немаме играчи. Имаме над 20 играчи кои се идентични по квалитет и можат да покријат добро и во напад и во одбрана. И сега се освен освоена титула ќе биде неуспех за овој Вардар, вели Недановски.
Освен на домашна сцена, Вардар сезонава повторно се враќа во Европа, и тоа во групната фаза од Лига Европа. Есента ќе биде навистина интересна и полна со натпревари.
„Лига Европа не е слабо натпреварување, напротив. Ќе играме со Порто, и повеќе од сигурно и со Мелсунген и Валур, и сите тие се квалитетни тимови. Јас сум задоволен од ждрепката, бидејќи ќе играме добри и силни мечеви. И публиката тоа го сака, отколку да играме со некои неатрактивни екипи“, смета Недановски.
За Вардар приоритет ќе биде домашното првенство, бидејќи тоа носи сигурен излез на европска сцена.
„Според мене најважно е домашното првенство, да можеме да се вратиме во лигата на шампионите. Ќе имаме многу мечеви сезонава, но имаме и долга клупа и квалитетни играчи“, верува во својот тим тренерот на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА