Јувентус конечно се ослободи од Филип Костиќ откако српскиот фудбалер се најде на листата непожелни на новиот тренер Тијаго Мота, а управата на „црно-белите“ бараше начин овој фудбалер да го напушти клубот.
Фенербахче е тимот во кој Костиќ ќе ја продолжи кариерата откако турскиот гигант постигна целосен договор со Јувентус за едногодишна позајмица на Србинот. Јуве инсистираше на клаузула за задолжителен откуп следното лето, Фенербахче не се согласуваше на таква опција, па италијанскиот гигант на крајот попушти и даде зелено светло за трансфер, а Фенер ќе има можност да го откупи Костиќ следниот јуни само доколку во турскиот тим се задоволни од неговите изданија сезонава.
Со ангажманот на Костиќ се зголемува балканската колонија во тимот на Жозе Мурињо, ако се знае дека за Фенер веќе настапуваат босанскиот голгетер Един Џеко, хрватскиот голман Доминик Ливаковиќ и српскиот напаѓач Душан Тадиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА