Барди: Горд сум на оваа репрезентација, добри играчи, но и квалитетни луѓе…

Енис Барди не го криеше воодушевувањето откако Македонија ја прекина серијата слаби резултати триумфирајќи со 2-0 над Ерменија, прва победа во новото издание од Лигата на Нации.

Човек на одлука беше токму Барди, кој го отвори резултатот со еврогол од слободен удар и го трасираше патот до триумфот.

„Многу убаво чувство, ова е посебна победа бидејќи имавме црвен картон. Ни недостигаа некои ситници, но не престанавме да се бориме, знаевме дека ќе ни се укаже шанса и успеавме“, истакна Барди веднаш по победата.

Асот на Трабзон им се заблагодари на навивачите кои и на дождливо време дојдоа да им дадат поддршка на репрезентативците.

„Фала на сите луѓе кои доаѓаат и даваат поддршка, ќе ни треба уште поголема поддршка во иднина. Оваа репрезентација има квалитетна група играчи, но и посебно квалитетни луѓе, што е многу важно и јас сум многу горд поради тоа“, изјави Барди.

Тој се осврна и на премиерниот дуел со Фарските Острови и напредокот во нашата игра во однос на тој натпревар.

„Циклусот го почнавме можеби лошо во Фарските Отрови, но имам доволно време да стигнеме до онаму каде што сакаме – до првото место во групата. Зборувавме во соблеквуалната, бевме критични еден кон друг, го прифативме тоа сите почнувајќи од мене, па денеска се виде една поинаква селекција со желба за победа“, истакна македонскиот капитен.

Се вчитува...