Галевски задоволен: Огромна работа е што ги победивме Вардар и Пелистер

Алкалоид извонредно ја стартуваше новата сезона откако „сино-белите“ од Автокоманда во рок од пет дена најпрвин го совладаа Е. Пелистер во Супер-купот на Македонија, за веднаш потоа да слават и над Вардар во првото коло од новата суперлигашка сезона.

Двете средби со големите ривали минаа во доминација на младиот тим на Алкалоид кој во долги период имаше одлична предност и заслужено славеше. Голманот Иван Галевски како гостин на утринската програма на МТВ не го криеше воодушевувањето од почетокот на новата сезона на својот тим.

„Да се стигне до победи против екипите на Вардар и Пелистер е огромна работа затоа што тие се двата клуба кои котираат високо по бројот на титули во македонскиот ракомет. Но, ова не значи ништо затоа што ние сме млади играчи, а во такви тимови знае да има осцилации. Но, ние работиме напорно за да се етаблираме добро на македонската сцена. Сами си го трасираме патот, а тој е професионалноста и напорната работа. Имаме уште доста дерби натпревари во Суперлигата, нивото е многу високо и мора да останеме присебни. Тоа што ни е цел ќе дојде со напорна работа. За мене, ова беше едно непроценливо искуство, освојување на Купот на Македонија и Суперкупот“, изјави Иван Галевски за МТВ.

Се вчитува...