Џенаро Гатузо не го криеше задоволството по триумфот на Хајдук на големото дерби на хрватскиот фудбал против Динамо, и тоа среде Загреб, за три бода со кои сплитските „бели“ го прескокнаа големиот ривал на табелата.
„Секоја победа има своја приказна, а можам да кажам дека ова беше магична ноќ. Одигравме одлично, победивме, но веќе се уверивме дека нема лесни натпревари сезонава и затоа мораме да продолжиме да работиме“, изјави Гатузо.
Неизбежно беше и прашањето за заминувањето на Никола Калиниќ, спортскиот директор кој беше отпуштен и кој најави дека управата кова план да го смени и Гатузо. Италијанецот гласно му даде поддршка на Калиниќ, но истовремено и најави дека тој нема намера самиот да си замине од клубот.
„Да се плашам од отказ? Се плашам само од смртта, но сакам да живеам и ја сакам оваа работа, би ми било жал да умрам така млад. Искрено, заработив доволно во кариерата да можам да живеам удобно до крајот на животот, но оваа работа ме исполнува… Знаете што се случуваше во клубот, имаше различни верзии, се што можам да кажам е дека Никола Калиниќ не е лажго. Тој ме убеди да дојдам тврдејќи дека Хајдук е религија, затоа и оваа победа му ја посветувам на него. Сите треба да знаат колку го сака Хајдук, тој не е човек што лаже. Претседателот на последната прес-конференција рече дека не зборуваме десетина дена, тоа не е вистина, ние не зборуваме цел месец. За мене најважна е екипата, а таа покажа карактер. Почувствував дека овие момци ми подадоа рака, ми го дадоа своето срце и нема да ги разочарам. Затоа нема да си заминам, би бил го.но и мал човек ако сега ги напуштам овие момци“, изјави Гатузо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА