Наполи конечно врза две победи сезонава откако тимот на Антонио Конте славеше со убедливи 0-4 на гостувањето против Калјари. Во главна улога беше Ромелу Лукаку, кој вечерва за првпат стартуваше од првата минута за Наполи и остави одличен впечаток, со еден гол и две асистенции.
Првиот погодок беше дело на капитенот Ди Лоренцо, кој биеше од дваесетина метри по краткото додавање на Лукаку, топката закачи еден од домашните дефанзивци, го изненади голманот и заврши во мрежата.
Калјари имаше свои шанси за израмнување што останаа неискористени, а казната стигна во 66. минута кога Лукаку одлично го проигра во простор Кварацкелија, а Грузиецот мајсторски ја смести во мрежата. Пет минути подоцна Кварацкелија ја возврати услугата, откако по една грешка на домашниот голман и освоена топка во шеснаесетникот го проигра Белгиецот, кој стрелаше прецизно за 0-3.
Конечните 0-4 беа дело на десниот бек Бонџорно кој одлично се снајде по корнерот во 93. минута и стави печат на убедливиот триумф на „наполитанците“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА