Куртинаитис ќе ја води Литванија на двомечот со Македонија

Литванската кошарка минува низ коренити промени откако за нов претседател на федерацијата беше избран Миндаугас Балциунас. Негова прва задача ќе биде да именува нов селектор на местото на Казис Максвитис, кој си поднесе оставка по неуспехот во квалификацискиот турнир за ОИ во Париз.

Литванците наредните две средби ќе ги играат против Македонија, во ноември годинава како дел од квалификациите за Евробаскет 2025, а на клупата на оваа репрезентација речиси сигурно ќе седне Римас Куртинаитис. Балциунас денеска потврди дека веќе имал неколку рунди разговори со искусниот стратег, од кого очекува позитивен одговор во периодот што следи.

„Како што сигурно знаете, разговаравме неколку пати со Куртинаитис. Согласно правилата, треба да претставам повеќе кандидати пред извршниот одбор, но се ќе биде познато за околу две седмици, заедно со конечниот одговор на Куртинаитис, кој дефинитивно е наш главен кандидат“, изјави новиот претседател на Литванската Кошаркарска Федерација.

Литванецот моментно работи како тренер на Сабах во шампионатот на Азербејџан, а претходно ги има водено екипите на Ритас, ВЕФ Рига, Химки и Вулвс Вилнус.

Се вчитува...