Алкараз: Се надевам дека Надал ќе ни помогне на завршницата на Дејвис купот

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз изјави дека жали што нема да игра во двојки со Рафаел Надал на Лејвер купот, но се надева дека повторно ќе биде партнер во двојки на финалето на Дејвис купот подоцна оваа година.

Лејвер купот започна во петокот во Берлин, при што Тим Европа сака да го освои за прв пат од 2021 година. Надал требаше да игра во германската престолнина, но мораше да се повлече поради повреда.

По тој повод Алкараз изјави дека жали што по Олимписките игри во Париз нема да има можност повторно да игра двојки со својот идол.

„Кога го објавија составот и видов дека Рафа доаѓа, бев многу возбуден што повторно ја делам соблекувалната со него. На Лејвер купот сите сме многу поблиску еден до друг, тоа би било уникатно искуство. Ќе ми недостига и се надевам дека наскоро ќе се врати на терените кога ќе биде подготвен и дека ќе може да ни помогне на завршницата на Дејвис купот во Малага“, изјави Алкараз.

Се вчитува...