Еден од најталентираните млади македонски атлетичари, Марко Алексовски, член на АК Центар 2007 учествуваше на Балканското првенство до 18 години забележувајќи одлични резултати.
Алексовски освои бронзен медал на Балканијадата на 200 метри со време од 21.77 секунди, и заврши на 8. место на 100 метри со време од 10.88 секунди.
Иако ја почна годината со пехови, поради болест, пропуштајќи три месеци подготовки, а сето тоа дополнето и со повредата на грбот, сепак во вториот дел од сезоната запиша извонредни резултати соборувајќи ги државните рекорди на 100, 200 и 300 метри, во категорија млади младинци, а беше дел и од клупската штафета на АК Центар која го собори рекордот на 4×100 метри.
Најпрво, го собори рекордот на 100 метри (10.95) во сопственост на Павле Симовски кој изнесувасе 10.99 секунди, потоа го собори и рекордот на 200 метри (22.06) во сопственост на Владек Битољану, за на крај како круна, на последниот натпревар го сруши и рекордот на 300 метри за млади младинци (35.10) кој беше во сопственост на Наум Митревски – 36.04 секунди, односно Огнен Стефановски (35.43 секунди) за атлетичари до 20 години.
„Сезоната ја завршуваме со биланс од соборени пет државни рекорди, сето тоа како силен мотив да се атакува на највисоките резултати во сениорска конкуренција“ – вели тренерот на Алексовски, Кристијан Кајчевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА