ГОЛЕМ УСПЕХ: Шахистот на Алкалоид, Тони Лазов со сребрен медал на Шаховската олимпијада 2024!

Македонскиот шахист Тони Лазов и член на ШК Алкалоид оствари фантастичен резултат на Шаховската Олимпијада откако успеа да се закити со сребрен медал од сите шахисти кои играа на втората табла на ова големо натпреварување.

Лазов се покажа во одлично светло на Олимпијадата во Будимпешта, на осум дуели успевајќи да стигне до фантастични 7,5 освоени бодови, без ниту еден единствен пораз. Со тоа, Македонецот успеа да стигне до среброто оставајќи зад себе врвни шаховски имиња како Алексеј Сарана, Весли Со, Праганадха…

„Многу сум среќен што успеав да освојам медал. Имав голема поддршка од тимот. Голема благодарност и до мојот тренер, ВМ Трајко Недев, кој ме подготвуваше за време на турнирот, и до мојот клуб ШК Алкалоид, кој секогаш ме поддржува“, изјави Тони Лазов.

 

Со овој успех 24-годишниот Лазов се приклучува кон „клубот на медалисти“, во кој досега беа тројца негови колеги од ШК Алкалоид: ВМ Драгољуб Јаќимовиќ има златен медал од Олимпијадата во Истанбул 2000 година на третата табла, ВМ Трајко Недев има бронза од Олимпијадата во Ереван 1996 година на четвртата табла, додека, пак, единствената дама во ова друштво е Весна Секуловска, чиј медал е освоен на Европското екипно првенство во Пловдив 2003 година, сребро на втората табла. Воедно, неговиот тренер ВМ Трајко Недев е единствениот кој има и сребрен медал од ЕП 2003 година, освоен на третата табла, и сребрен од Светското првенство за шахисти над 50 години 2023 година, на втората табла.

Тони Лазов е најмладиот носител на шаховски олимписки медал во Македонија, а кариерата ја започнува во шаховските школи на ШК Алкалоид, активно играјќи шах од својата 10-годишна возраст.

Од екипен аспект, нешто послабите резултати во последните рунди придонесоа машката репрезентација да падне во генералниот пласман и да го заврши настапот на 61. место во конкуренција на 189 репрезентации, иако по осум кола беше постојано и меѓу најдобрите 30 селекции. Машката селекција предводена од селекторот ИМ Атанас Кизов во Будимпешта настапи во состав: ВМ Евгени Романов, ИМ Тони Лазов, ИМ Никола Николовски, ИМ Емил Ристески и ФМ Антон Златков.

Женската репрезентација, предводена од селекторот Љубиша Андоновски, во состав: Моника Стојковска, Ивана Манова, Моника Жежовска, Сања Трајковска и Леа Ефтовска заврши на 77. место во конкуренција на 170 репрезентации.

Кај девојките посебно за одбележување е настапот на Ивана Манова која со освоените 7 поени од 10 партии на Олимпијадата се стекна со титулата Женски Фиде Мајстор (ЖФМ).

Се вчитува...