Комесарот за натпреварување во сениорските кошаркарски лиги, Александар Милојевиќ ги одреди казните за скандалозниот пријателски натпревар помеѓу екипите на ТФТ и Чаир 2030 на 19. септември во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје кој заврши со физичка пресметка на навивачите и кошаркарите во „црно-бело“.
При увидот во документацијата од натпреварот, КФМ и согласно членот 3 од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортските натпревари, казна добија двата тима, а казнети беа и поединци.
Поради лоша организација и неисполнување на четири зацртани услови (пријавен натпревар во МВП, дежурен лекар, присуство на комесар за безбедност и редарска служба), ТФТ е казнет со 30 илјади денари и забрана за настап со публика на два првенствени натпревари.
Поради учество во тепачка капитенот на ТФТ, Нури е казнет со забрана за настап на два натпревари, а поради фрлање на тврд предмет кон публиката казна доби и Наумовски.
Поради остварен физички напад од симпатизери на Чаир 2030 доби казна од 48 илјади денари и забрана за настап на со публика на три првенствени натпревари, а казна доби и помошниот тренер Исмаили кој поради напуштање на теренот за игра во ситуација која води кон тепачка е казнет со забрана на настап на еден натпревар.
Казна за несовесно и неуредно извршување на дејност, неуредно и непотполно спроведување на одлуки и упатства од КФМ доби и делегатот на натпреварот Теофиловски кој нема да може да врши должност на два натпревара.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА