Мишковиќ потпиша за Пелистер, битолчани го заокружија ростерот

Пелистер го заокружи ростерот за стартот на новата натпреварувачка сезона потпишувајќи договор со Никола Мишковиќ, 25-годишен српски кошаркар кој треба да биде од голема помош во борбата под обрачите за актуелниот вицешампион на Македонија, објавија битолчани на својата официјална веб-страница.

Битолскиот клуб подолго време беше во потрага по квалитетен крилен центар, а на крајот изборот падна токму врз поранешниот кошаркар на Мега, кој до пред неколку години важеше за еден од најголемите таленти на српската кошарка.

Тој беше лидер на српската М18 репрезентација на ЕВРО 2017, на кое северниот сосед стигна до титулата, а Мишковиќ во финалето имаше 23 поени и четири скока (победа од 74-62 над Шпанија), за што се закити и со МВП-признанието и беше избран во идеалниот тим на шампионатот.

Во последните години тој настапуваше за Арка  во Полска, потоа мина една сезона во Подгорица, па ги бранеше и боите на Аполон Патрас во грчкиот шампионат, на Менорка во шпанската Ендеса-лига, а ланската сезона ја мина во дресот на Иркут во руската  Супер-лига, каде имаше просек од 15 поени и 6,8 скокови по натпревар.

Тој е четвртиот странец потпишан од битолскиот тим за стартот на сезоната, покрај српскиот крилен центар Бојиќ и Американците Брајан и Едвардс.

Се вчитува...