Од Чаир револтирани од добиената казна: „Ние бевме гости на тој меч, никој наш член не учествуваше во инцидентот, а сме казнети!“

Кошаркарската федерација го казни Чаир со 48.000 денари и три натпревари без присуство на публика, поради инцидентот на пријателската средба со екипата на ТФТ, која се одигра во СРЦ Кале.

Од Чаир 2030, не го кријат револтот од оваа одлука на КФСМ, истакнувајќи дека се вчудоневидени од оваа казна која, според нив е неоснована, затоа што ниту еден кошаркар или член на тимот од Чаир не е вмешан во инцидентот а тие биле гости на овој натпревар.

„Иницијатор на инцидентот беше играчот Едис Нури, кој во секој момент од натпреварот, и пред тој инцидент, постојано ги провоцираше нашите играчи. Но, најлошото беше што реагираше на жесток начин повредувајќи ги двајцата наши најдобри кошаркари, Мофејт и Кели… Сакам да нагласам дека тоа се случи во ‘Кале’. Ние на тој меч бевме гости, немаше полиција, немаше осигурување, немаше лекари” – вели тренерот на Чаир, Ерхан Рамадани, кој потенцира дека не верувал дека вакви работи може да се случат на пријателски натпревар.

„Имав добар однос со тренерот на ТФТ, Боро и мислев дека нема да дојде до оваа ситуација и затоа продолживме, бидејќи знаевме за нас. На крајот, во тепањето не се вклучени играчи, тренери и официјални претставници на Чаир 2030. Сето тоа се случи меѓу Едис Нури и друг играч, кој со стол фрли кон нашите навивачи” – дополнува Рамадани.

Тренерот на Чаир бара да се погледне видеоснимка од натпреварот, кој се снима со роботизирани камери во секоја спортска сала на клубовите од Првата лига.

„Она што е изненадувачки во одлуките донесени од страна на Комесарот за натпревари, е што се донесени врз основа на видео снимките, снимено од некое лице кое беше на трибината, и од нив воопшто не се гледа што во суштина се случи таму… Но, тие се сопственици на видеата за пренос во живо и ние како клуб ги побаравме од Федерацијата, но во ниту еден момент тоа видео не ни е испратено. Во тоа видео јасно се гледа каде лежи проблемот, кој го иницира инцидентот и на тоа видео јасно се гледа арогантното и провокативно однесување на Едис Нури. Но, самиот факт што тие го кријат тоа видео покажува доста за тоа каква е нивната тенденција” – вели Ерхан Рамадани.

Тренерот Рамадани и КК Чаир 2030, најавија дека ќе поднесат жалба за казната од 48 илјади денари и три натпревари без присуство на публика, во други спортски инстанци доколку не бидат прифатени од КФСМ, и овој случај решени се, како што велат, да ги испратат со комплетна документација и до ФИБА.

Се вчитува...