Некогашниот МВП на НБА лигата ја заврши кариерата

35-годишниот кошаркар Дерик Роуз, објави дека ќе стави крај на кариерата. Најмладиот МВП во историјата на НБА, заминува во пензија по 15 години поминати во најсилната лига на светот. Најдобро ќе остане запаметен по споменатата титула за најкорисен играч во лигата, која ја освои во 2011 година на 23-годишна возраст како плејмејкер за Чикаго Булс.

Роуз пристигна во НБА во 2008 година како прв пик на драфтот. Веќе во втората сезона стана Ол-стар во дресот на Булс, а во 2010/11 г. со просеци од 25 поени, 7,7 асистенции и четири скока го предводеше Чикаго до најдобриот сооднос во лигата и ја освои наградата за МВП.

„Во следното поглавје, ќе ги бркам моите соништа. Верувам дека вистинскиот успех е кога ќе станеш она што си создаден да бидеш и сакам да му покажам на светот што сум јас надвор од кошарката. Без разлика дали е добро или лошо , секој има приказна во животот „што би бил кога би можел“, но јас не би сменил ништо во мојата приказна, затоа што таа ми помогна да ја најдам вистинската среќа“, објави Роуз.

Во плејофот во 2012 година, Роуз ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото, а година и пол подоцна му пукна менискусот. Тие тешки повреди во голема мера ја забавија неговата кариера и му ја одзедоа својата експлозивност.

Тој ги напушти Булс во 2016 година, по што играше за Њујорк Никс (двапати), Кливленд Кавалирс, Минесота Тимбервулвс, Детроит Пистонс и Мемфис Гризлис. Минатата сезона во Мемфис одигра 24 натпревари и на нив постигнуваше во просек по осум поени. Пред два дена беше отпуштен од Мемфис, со што се реши да стави крај. 

Се вчитува...