КФСМ ја укина котизацијата за клубовите за Првата лига

Кошаркарската федерација на Македонија на прес-конференција објави дека се укинува котизација за екипите кои се дел од Првата лига, откако пред неколку дена беше официјално потпишан договор со телекомуникациска компанија за генерален спонзор на елитното натпреварување на домашната кошаркарска лига.

Генералниот секретар Владимир Георгиевски потенцираше дека ова е прв генерален спонзор на Првата лига по 2010 година, најавувајќи дека се преговара за сличен тренд и во Женската лига и во младинските лиги.

„ Сакаме да го искористиме денот за да кажеме две работи што се суштински и не се случуваат секојдневно… Првата работа е промоцијата на генерален спонзор на Првата лига, наше ветување уште при самото доаѓање што конечно се случи.  Договорот е потпишан на една година, со можност за дополнителна соработка за уште три години, со него се овозможува клубовите да бидат комплетни ослободени од трошоците за котизација. Ова се случува првпат по 14 години, последен пат  било во 2010 година, сега успеавме да донесеме генерален спонзор, наша цел е да привлечеме што повеќе помагатели што ќе излезат во пресрет. Не би застанале тука и нема да застанеме тука, нашите амбиции се тоа да го продолжиме и со Првата женска лига и во младинските лиги. Преговорите се во тек, се надевам дека наскоро тоа ќе можеме официјално да го потврдиме и во овие натпреварувања“, истакна Владимир Георгиевски, генерален секретар во куќата на кошарката.

Се вчитува...