„Нено гори од желба да игра за Македонија, ќе одиме во Милано за да добиеме зелено светло“

Ненад Димтиријевиќ дефинитивно е новиот лидер на кошаркарската репрезентација на Македонија, но проблем за нашата национална селекција е што одличниот плејмејкер се пресели во Милано, а овој клуб во ноември има натпревари во истите термини како и нашиот двомеч со Литванија.

„Она што мене исклучително ме радува е што Нено гори од желба да игра за Македонија, при секое слушање ме прашува што направивме за ноември… Неговата желба не се доведува во прашање, тој во меѓувреме стана играч, дел од европската елита, но сака секогаш да игра за Македонија. Јас на прошталниот меч на Принтезис во Атина се сретнав со луѓе кои седел од управата на Милано,се договоривме да седнеме и да се обидеме да најдеме заеднички јазик. Нено е нашиот лидер, тој стана играчиште од највисоко ниво и секако дека сакаме да биде со нас на овој двомеч со Литванците“, изјави Перо Антиќ.

Воедно, Антиќ објави дека домашниот натпревар со Литванија ќе го играме во СРЦ „Кале“ , откако не беше добиена трката со времето за салата во Куманово да биде целосно подготвена за организација на овој дуел.

„За петнаесетина дена ќе одиме во Милано за директно да разговараме со тренерот Месина и да се обидеме да најдеме заеднички јазик. Проблем е што денот кога ние играме со Литванија, Милано игра меч од Евролигата со Макаби. Нено беше МВП на Супер-купот на Италија, се наметнува како лидер и сигурно нема да ни биде лесно да добиеме зелено светло, но ние нема да се откажеме без борба од нашиот најдобар играч. Во контакт сме и со Универзитетот Колорадо за Андреј ЈАкимовски да дојде и да ни помогне за двомечот со Литванија“, истакна спортскиот директор Марјан Србиновски.

Се вчитува...