Ден за дерби, нека биде спортски празник – Вардар против Пелистер, притисокот е врз тренерите

Вардар и Е. Пелистер ќе излезат попладнево во 17.45 часот на мегдан во првото овосезонско вечно дерби од македонската Супер-лига. Дуелот по повеќе од една година пауза повторно ќе биде во присуство на двете навивачки групи, откако управата на Вардар донесе одлука даги отвори вратите за гостите од Битола, па се очекува најмалку 200 „Чкембари“ да ги бодрат „пелистерци“ на овој меч. Останува само да се надеваме дека дербито ќе мине онака како што прилега, со борба на терен и без инциденти на трибините.

„Знаете дека ланската сезона немаше гостински навивачи на овие дуели бидејќи сакавме да ги смириме страстите по оние немили сцени од пред две години. Сепак, наша цел како клуб и како спортски колектив е да се игра во максимална спортска атмосфера, па затоа за годинава решивме да дадеме зелено светло за присуство на гостинските навивачи почнувајќи од ова дерби со Пелистер. За нас е важно ова ракометно дерби да мине во најдобар ред и да испратиме една позитивна слика во ракометна Европа. Ривалството е нешто потребно, на терен и на трибини, но верувам дека се ќе мине во најдобар ред. Од она што го договоривме, четири автобуси со вкупно 200 навивачи ќе дојдат од Битола, а потоа и од МВР ни беше соопштено дека ова е максималната бројка што може да биде примена на делот од трибината за гостите“, изјави оперативниот директор на РК Вардар, Андрија Нунев.

Последниот дуел двата тима го имаа во финалето на Струшкиот турнир каде што славеа битолчани. Стартот на сезоната сепак не беше според очекувањата на двете првопласирани екипи од ланската сезона, Е. Пелистер загуби од Алкалоид во Супер-купот на Македонија, а веднаш потоа во првото суперлигашко коло пораз од истиот ривал претрпе и Вардар.

Овие два пораза придонесоа да се создаде притисок врз двајцата тренери, Владо Недановски и Бранислав Ангеловски, а незадоволството во битолската јавност е се поголемо и поради слабите изданија и поразите што тимот ги реди и на стартот од оваа сезона во Лигата на Шампионите.

Поради сето ова, голема е опасноста тренерот што ќе го загуби денешниот натпревар во наредниот период да добие отказ од функцијата.

„Размислувам позитивно и верувам во најдоброто… Ако се случи нешто лошо со Пелистер на резултатски план, јас ќе ја преземам одговорноста, ќе почнам да размислувам во тој правец. Сепак, во моментов сум фокусиран максимално позитивно со мислите бидејќи верувам дека можеме да победиме“, вели Недановски.

Се вчитува...