Во насока на засилена промоција на фудбалската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од ПМФЛ. Покрај тимот на колото и најдобриот играч, ќе се обидеме да ви ги доближиме и сите најинтересни моменти од секое коло, низ една рекапитулација на настаните.
ТИМ НА 8. КОЛО
Четворка за тројка, или четири гола за три бода на Шкенидја и на Брера во дуелите против Вардар, односно Пелистер. Вардарци во Тетово не беа на нивото, барем не на она што се најавуваше пред почетокот на сезоната. Шкендија им ја покажа вистинската слика за квалитетот и моменталните можности на скопските „црвено-црни“. Хартијата е едно, а теренот сосема друго. Таму каде што е најмеродавното, Шкендија го доби дуелот со убедливи 4-0. Ако беа искористени неколкуте шанси, можеше да биде и целосен дебакл. Но, и вака поразот е голем. Прв за Срѓан Захариевски откако е на кормилото на најтрофејниот македонски клуб. Ниту тој не можеше да ја сопре расположената Шкендија која брзо, уште во првиот дел го реши победникот на овој меч. Трумчи, Ибраими и Ахмеди стрелаа, а потоа Рамадани ја запечати судбината на вардарци. И покрај тоа што на стартот на сезоната Вардар покажуваше амбиции за горниот дел на табелата, сепак, реалноста е сосема нешто поинаква. Доколку нешто драстично не се промени на зимската пауза, овој Вардар го чека тешка борба за секој бод. Можеби и случувањата во подготвителниот период, доцниот почеток и консолидирањето на само неколку дена пред стартот на првенството, сега си го земаат данокот.
Триумф со четири гола оствари и Брера. Пелистер имаше хендикеп и уште од 16 минута играше со играч помалку по црвениот картон на Ристевски. Тоа им ја олесни задачата на струмичани кои поведоа преку Ристовски, а потоа преку Јанкулов, Ивковиќ и Тодоровски го „дотолчија“ противникот. Работнички од кандидат за средина на табелата, се претвори во кандидат за титула. „Романтичарите“ на домашен терен го победија Шкупи, и придонесоа да има тренерска смена на Чаир. Регба го постигна првиот гол, а потоа истиот тој го натера Пинтер да си постигне автогол, и затоа е играч на колото. Проблеми има Струга ТЛ која никако не успева да победи. Така беше и ова коло. Го „имаше“ Гостивар, го водеше и 1-0 и 2-1, меѓутоа гостите успеаја да се „извадат“ во финишот. Беса оствари важен триумф над Воска. Минимален со 1-0, но „злато“ вреден. Херој на оваа победа е голманот Костадин Захов кој што одбрани и пенал на гостите, и затоа се најде и во тимот на колото, заедно со голгетерот Ремзифаик Селмани кој ја донесе победата. Тиквеш и Силекс одиграа меч во кој двата тима по еднаш погодија пречка. Силекс беше подобар противник во првиот, а Тиквеш во вториот дел, па на неутралниот терен во Кичево си поделија по еден бод.
====================================
ИГРАЧ НА КОЛОТО: Али Регба (Работнички)
Иако едниот гол за Работнички во дуелот со Шкупи беше автогол, сепак, Али Регба придонесе за него. Напаѓачот на Работнички се најде два пати на вистинско место и успеа да му донесе голема победа на својот тим од дуелот со чаирчани. „Романтичарите“ продолжуваат со блесокот на почетокот на сезоната, и се најдоа на врвот веднаш зад Шкендија.
================================
ТРЕНЕР НА КОЛОТО: Јетон Беќири (Шкендија)
Иако беше во тесна трка со тренерот на Брера, Горазд Михаилов, сепак, само поради фактот што победи на дерби и фактот што победи 11 на 11 (Пелистер играше 75 минути со играч помалку на средбата во Струмица), тренер на 8. коло е Јетон Беќири. Беќири му одржа лекција на Вардар, и ако напаѓачите беа поконцентрирани, тогаш резултатот можеше да биде и со поголема разлика.
==============================
ГОЛ НА КОЛОТО: Валон Ахмеди (Шкендија)
Прекрасен гол на Валон Ахмеди од редовите на Шкендија. Играчот од средниот ред од десната страна од 25 метри испрати прецизен и незгоден удар по голот на Гачевски, кој остана „заспан“ на голот на Вардар.
ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ
ФОТО НА КОЛОТО: ФЕР-ПЛЕЈОТ Е НАЈУБАВАТА РАБОТА ВО СПОРТОТ!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА