ДАРКО ПАНЧЕВ за „Газета дело спорт“: „И пред Палермо предупредив Италија да не ја потценува Македонија, и сега Интер не треба да ја потцени Ц. Звезда“

Пред пресметката на Интер и Црвена Звезда на „Џузепе Меаца“ вечерва во Лигата на шампиони, кој друг ако не најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Дарко Панчев во фокусот на вниманието на италијанските медиуми.

Фудбалерот кој својот најголем блесок во кариерата го доживеа со Црвена Звезда, предводникот до европската и светската титула на црвено-белите, а потоа со мега-трансфер во Интер, кој подоцна и самиот го оцени како „најголема грешка во кариерата“, сега со возбуда ќе го чека дуелот на двата свои поранешни клубови.

„Но, не е тоа само моја возбуда. Но, и на милиони европски фудбалски фанатици ако се знае дека играат два победнички тима со богата и долга традиција. Верувам дека многу љубители на фудбалот дуелот ќе го гледаат со интерес, затоа што во прашање се освојувачи на европски и светски титули, меѓу најпознатите и најпопуларните клубови на планетата, поддржани од глобална армија навивачи“ – вели Панчев во мега-интервју за највлијателниот италијански спортски весник „Газета дело спорт“, притоа дополнувајќи:

„Очекувам непредвидлив и возбудлив натпревар. Всушност тоа секогаш е така кога е Интер во прашање, кој секако е еден од најсилните тимови во светот, еден од ТОП 10 во Европа. Она што може да се очекува од натпреварот е дуел на два гиганти, кои се уште ја негуваат фудбалската филозофија. Интер моментално е во подобра ситуација ако се земе предвид неговата голема финансиска моќ и квалитетот на првенството во кое настапува. Во последните години Серија А доминира, има забележителни играчи, со големо искуство, што е многу важно, но и одлучувачко на вакви натпревари. Црвена звезда е супериорна во својата лига, со состав составен од млади играчи кои се релативно непознати надвор од нивната земја. Поради финансиските околности, тимот секоја сезона ги продава своите најдобри играчи и игра во значително послаба лига од италијанската. Вака гледано, Интер е апсолутен фаворит. Но, во фудбалот не секогаш победува фаворитот. Инспирацијата, концентрацијата и желбата за демонстрација и победа се фактори кои можат да му дадат предност на послабиот тим“.

ПРЕДУПРЕДИВ И ПРЕД ПАЛЕРМО ИТАЛИЈА ДА НЕ ЈА ПОТЦЕНУВА МАКЕДОНИЈА

Македонската фудбалска легенда се потсетува и на своите најави, токму за италијанските медиуми, пред баражот за пласман на СП 2020 и меѓу селекциите на Италија и Македонија во Палермо…

„Пред натпреварот меѓу Италија и Македонија во полуфиналето од баражот за СП Катар 2022, на прашањето во моето интервју за италијанските медиуми колку Италија е апсолутен фаворит, со истите аргументи предупредив дека „аѕурите“ не смеат да го потценат македонскиот тим. Видовме што се случи и тоа е добар потсетник. Црвена звезда во моментов нема моќен и искусен тим, но доаѓаат од просторите на поранешна Југославија, која секогаш произведувала исклучителни таленти, сетете се на Савичевиќ, Бобан, Бокшиќ, Југовиќ, Јарни и секако Стојковиќ. Ги имаме сите предуслови за да гледаме добар натпревар“ – истакнува Панчев.

А, на прашањето за кого ќе навива вечерва?

„Јасно е за кого ќе навивам: За мене Црвена звезда, заедно со Вардар, македонскиот клуб каде што пораснав, се буквално… сè. И не зборувам само за фудбалот, но тие се мојот живот воопшто. Тие ми го подарија светот. Тие два клуба се многу повеќе од само обично навивање, за мене носат посебни емоции“ – вели меѓу другото Дарко Панчев во интервјуто за „Газета дело спорт“.

Се вчитува...