Карлос Алкараз се закити со трофејот на турнирот во Пекинг, откако во драматично финале успеа да слави над првиот носител Јаник Синер со 2-1 во сетови. Шпанецот на тој начин почна да му набива комплекс на големиот ривал, ако се знае дека последните три дуели на овие ривали редовно завршуваа со триумф на Алкараз, и тоа со идентичен резултат откако Синер го добиваше првиот сет.
Истото беше случај и денеска во Пекинг, откако првиот светски рекет спаси три сет-топки и на крајот триумфираше со 8-6 во тајбрејкот од првиот сет. Следеше вистински одговор на шпанскиот ас, кој стигна до брејк, рутински го одржуваше својот сервис и го доби сетот со 6-4.
Алкараз потоа стигна и до брејк во третиот сет, но Синер успеа да се врати, па победникот на овој турнир беше решен во тајбрејк. Синер повеќе со 0-3, но следеше фурија на Шпанецот, седум поени во низа и заслужена победа на големиот ас.
Ова беше 16. титула во кариерата за Карлос Алкараз, четврта оваа година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА